Смртта не е возвишена, историјата не е мудра
рече часовничарот пред порти од дуќанот
треперот на гитарските жици откај плоштадот
ламтеж е по проѕирна слобода
која за мајсторот може да ја опише
само филигран од крила на пеперуги
кои веќе слетале на главите од статуите
што треба да оживеат
Лудиот сликар го црта градот погледнат од месечината
Пекаат по мостови улиците обоени од пешачки премини
судбоносен немир произведува
дни од минато заробено во клепсидра
Смртта не е возвишена, историјата не е мудра
светлината нѐ раскинува на мигови
кон кои водат сите патишта на два-три ангела што не знаат за време
душата е знаме развиорено на каракамен
Смртта не е возвишена, историјата не е мудра
Ти си моето лудило и куќа на изгрејсонцето
визија на небо што паѓа
и ни ги бере погледите во тажен дожд.
Лудилото не е возвишено, сегашноста не е сеприсутна
Луда си, а месечината останува посилна од ноќта
ко што се усните посилни од зборови
родени негде меѓу тела чии меѓи бојосуваат души
со тажен дожд.
Откажи се од ѕвездите
зашто ноќта ќе ти ја покаже само
онаа страна на месечината
што ја одразува светлината на солзите.
21.08 2018,
пред куќата на Виктор Иго во Сан Хуан
Сайтът PlovdivLit е творчески продукт на фондация „Пловдив ЛИК” и е обект на авторско право.
Поставянето на хипервръзки към сайта, към издания, рубрики и конкретни текстове в PlovdivLit е свободно.