Во контекст на ова, би укажала на еден скорешен, извонредно прониклив и оригинален прилог на Елка Димитрова – посветен токму на феноменот на патернализмот, што владее во литературата и културата во Бугарија, олицетворен во постојаната битка за „старешинство, покровителство, своина“ по однос на современите книжевни кругови – потем, за татковството како структура на владеење и институција на контрола, но и за просветителството како прва историски осознаена реакција против патернализмот , или тревожната потрага по таткото (колку за тој потоа да биде убиен) - но и генерациската класификација или поделба - како единствено дозволена (оти е биолошка, природна) разлика, помеѓу младите и старите автори, во (не само бугарскиот) литературен контекст. При тоа, овде не можам да одолеам, а како куриозитет на нашето поднебје, да не го забележам , амбивалениот однос, што при тоа се забележува во круговите на младите автори, кои просто пекаат по (наместо да бегаат од ) непотизам (што е само друго име за споменатиот патернализам) - „гребејќи се“ за наклоност и следбеништво на книжевен патрон, чија удобна сенка би им пружила доволно удобна и профитабилна закрила, лоби и протекција – особено, во трката по ласкави книжевни признанија.
Кога говориме за феноменот на книжевните татковци (урнеци или старешини), секако, не смееме да го одминеме знаменитото дело на американскиот теоретичар, Харолд Блум од 1973 г., „Антитетичка критика“, исцело посветено на феноменот на справување на авторите- синови , овојпат, со книжевното татковство на своите поетички претходници и урнеци. При тоа, Блум прави и листа од шест модалитети, кои ги опфаќаат парадигмите на „погрешното читање“, творечките антитези и поетичките отстапки, својствени на книжевните наследници: клинамен, тезера, кенозис, демонизација, аскезис, апофрадес.
2. Во вториот, антрополошки дел од овој текст, би сакала да понудам една моја. темелна и универзална компарација, по однос на (антрополошкиот) третман на базичната релација на таткото кон синот/синовите, специфичен за двата културолошки блока, односно митологии како што се: антиката и христијанството.
 
Сайтът PlovdivLit е творчески продукт на фондация „Пловдив ЛИК” и е обект на авторско право.
Поставянето на хипервръзки към сайта, към издания, рубрики и конкретни текстове в PlovdivLit е свободно.